Министерката за правда Рената Дескоска вчера јавно призна дека обвинителката Вилма Русковска е под контрола на премиерот Зоран Заев, изјави на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој ја повика министерката да поднесе оставка.
„Дескоска вчера пред граѓаните на гостување во национална телевизија призна дека се правело амнестија на пратеници кои биле обвинети токму од Вилма Русковска, кои неколку часа по ослободувањето гласале за уставни измени и против волјата на граѓаните, а во насока на волјата на Зоран Заев и СДСМ. Очигледно е дека се монтираат случаеви за да може Зоран Заев да прави што сака во Република Македонија. Режим, диктатура и авторитаризам се мали зборови за ова што го прави СДСМ и Заев. Како што вели Дескоска на сите ни било јасно дека законот за амнестија бил донесен во време кога чекорите кои се преземале биле преземени во насока на уставните амандмани“, рече Арсовски.
Портпаролот на опозициската партија додаде дека нема поголем срам од тоа да еден министер што треба да спроведува правда сам си признава пред граѓаните јавно дека спроведува неправда.
„Рената Дескоска не треба да чека да дојдат изборите на 12 април, туку треба уште веднаш да си поднесе оставка и да си замине од местото министер за правда, бидејќи ова што го прави не е правда, туку класична неправда. Срамот на Десковска е срам за целата држава кој од нејзе очекува спроведување на правда, а не личен интерес на Заев, СДСМ и останатите. Дали и е јасно на Рената Дескоска дека јавно призна пред целата јавност дека Вилма Русковска работи под диктат на Заев? Дали ова признание значи дека Русковска, Заев и Дескоска секој еден случај го работат на принцип на уцени, закани и притисоци само за да извлечат лична политичка корист? Дали на Дескоска и е јасно дека за ова еден ден некој ќе сноси одговорност?“, праша Арсовски.
Тој обвини дека користејќи го влијанието кон Русковска, Заев се обиде на секој можен начин да се заштити сам и политичкиот врв на власта и СДСМ.