Една третина од граѓаните размислуваат да се иселат од државата, покажува последната анкета
која за потребите на Детектор ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје.
Според неа, 32,9% од граѓаните размислуваат или размислувале да се иселат од државата, додека
62,3% немале планови за преселба.
Најголем дел од оние кои планираат иселување се млади до 29 години. Анкетата на Детектор
покажува дека дури 52% од младите размислуваат или размислувале да се преселат од државата.
Очекувано, само 13,4% од граѓаните постари од 60% кројат планови да ја напуштат државата.
Во споредба со претходната анкета која за Детектор исто така ја спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје во Јуни годинава, расте бројот на граѓани кои размислуваат да ја напуштат
државата.
Од 29,1% во јуни, бројката достигнала 32,9%. Намален е и бројот на оние кои не планирале
иселување на државата. Од 69% во јуни, процентот на граѓани кои не размислуваат на иселување
се намалил на 62,3%.
Податоците покажуваат дека 60,2% од граѓаните имаат некој близок кој се преселил во странство,
додека 36,5% немаат блиску луѓе кои се преселиле зад границите. Интересно е што над 80% од
студентите рекле дека имаат блиску луѓе кои се иселиле од државата.
Најголем дел од граѓаните, или 79,8% како причина за иселување ја наведуваат потрагата по
подобар живот, односно, од земјава би си заминале за подобра работа, плата и животен
стандард.
Доколку се решат да заминат во странство, 58,9% од граѓаните планираат тоа да го сторат низ
легална процедура, 10,8% користејќи пасош на друга држава, додека за 7,5% процедурите
воопшто не се важни бидејќи тие би заминале по секоја цена.
30,4% од анкетираните велат дека евентуалното членство во НАТО и старт на преговорите со
Европската Унија ќе ја зголеми миграцијата. 27,9% не очекуваат промени, додека 22,3% очекуваат
напредокот во евроатланскиот интегративен процес да го намали иселувањето.
Кај граѓаните кои се уште се во земјава, работа под државна капа е најпосакувана опција.
52,9% од анкетираните велат дека кога би можеле да изберат би се вработиле во државен сектор,
додека 26,8% би го одбрале приватниот.
Според најголем дел од граѓаните ИТ секторот е најперспективен. 19% од анкетираните велат дека
тоа е најперспективна професија. 6,2% мислат дека најперспективно е да се виде доктор, а 4,5%
политичар. По 2% најголема перспектива гледаат во професиите економист и електроинженер.
47,2% од анкетираните сметаат дека македонскиот образовен систем не нуди доволно можности
за правилен избор на идната професија, додека 30,8% мислат дека образованието нуди можноста
за правилно професионално насочување.
Сепак, 45,6% од анкетираните не сметаат дека нема потреба одредени средношколски насоки да
се ставаат во мирување, додека 24,7% го мислат спротивното. 29,7% од анкетираните немаат
одговор на ова прашање.
47,2% кога би требало сега да изберат би решиле да се запишат во средно стручно училиште
додека 32,2% би избрале гимназија.
37% од граѓаните сметаат дека пред 10 години било полесно да се најде работа отколку денес,
додека 28,4% од анкетираните мислат дека денеска е полесно да се најде работа.
Најголем дел од оние кои мислат дека денеска е полесно да се најде работа се млади до 29
години. 37,4% од младите сметаат дека денеска полесно се наоѓа работа отколку пред 10 години
додека 24,6% од граѓаните под 30 години велат дека пред 10 години полесно се наоѓала работа.
За разлика од нив, граѓаните кои имаат повеќе од 60 години во големо мнозинство или 50% велат
дека пред 10 години полесно се наоѓала работа, а само 16,5% се на став дека вработувањето
полесно оди денеска.
33% од анкетираните се подготвени да работат било што доколку не можат да најдат работа
според својата струка. 20,2% се подготвени да се преквалификуваат, 17,7% би се иселиле а 13,4%
би чекале да се отвори работно место според својата струка.
Анкетата на Детектор покажува дека младите се попребирливи кога станува збора за работата.
26,8% од анкетираните кои имаат помалку од 30 години се подготвени да работат било што
доколку не најдат работа по струката за разлика од 39,3% од граѓаните постари од 60 години кои
не немаат проблем да работат било што друго доколку нема работно место според нивината
струка.
Големо мнозинство или 63,4% од граѓаните смета дека работодавците не треба да ги пополнуваат
работните места со странски кадар доколку во одредени професии се појави недостиг на
работници додека 16,2% сметаат дека ако нема македонски работници, тие треба да се „увезат“
од странство.
Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања
Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 25 до 29 октомври
годинава со маргина на грешка од плус – минус 3%