Нека се објави се во врска со Рекет, јас не сум вмешан. Сакаме ветинг и брзо продуцирање кадри за судството. Покачувањето на платите не е предизборен поткуп туку реален одраз на успешните политики на оваа влада. Прашањата со Грција и Бугарија ќе се решат низ договор. Ова се дел од поентите во неделното интервју за Радио Слободна Европа со премиерот Зоран Заев, кој наведе и дека не го прочитал сега веќе повлечениот закон со кој се ограничуваа правата на протести во земјата, пред да се усвои на влада и да влезе во собраниска процедура.
„Ние како влада го повлековме законот, затоа што веднаш ги слушнавме реакциите на граѓаните. Сакавме да видиме како другите демократии ги решиле овие прашања и така и ќе ги решиме. Секој закон не може премиерот лично да го чита, има служби, има институции, има министерства. Лично го немам читано самиот закон, ги прочитав спорните решенија кога веќе беше јавно објавено. Веднаш како влада донесовме одлука да го повлечеме законот. Вакви работи во минатото беа мисловна именка“, кажа Заев.
Во врска со последните условувања од страна на Бугарија околу прашања од историјата, Заев вели: „Бугарската страна се обидува, секако тоа е нивно право, да се позиционира како што мисли во делот на затворањето на одредени прашања низ Мултидисциплинарната комисија. Ние сме втората страна, низ разговор ќе ги решиме и овие прашања. Ние имаме решено четири историски поглавја. Нема да дозволиме повторно да ги вратиме кавгите, проблемите и слично, затоа што сме мала земја. Придобивки ќе имаме ако градиме пријателство, секако не на штета на нашиот идентитет, на нашиот народ, на нашата иднина или слично. Тоа ќе го правиме на начин којшто отвора перспективи за идните генерации, за младите и за децата“.