По отворањето на „оне стоп шоп” моделот на преминот Табановце и потпишувањето на договорите за овластен економски оператор, Влада на Северна Македонија веќе работи на имплементација на договореното од состаноците за „Малиот Шенген”, изјави денеска премиерот Зоран Заев по затворањето на 4-от Регионален младински форум во Нови Сад.
– Во моментот работиме на Законот за странци за добивање на работни дозволи и се надевам дека до декември тој ќе помине во Собранието, со што граѓаните од целиот регион, во која било земја ќе бидат исти како и граѓаните од самата земја и нема да имаат потреба шест месеци да чекаат работни дозволи и од целата таа постапка која постои, изјави Заев.
Тој додаде дека се „работи и на признавањето на документацијата што ја вадат соодветните агенции, а со меѓусебното признавање ќе ги преполовиме или воопшто нема да има потреба од контроли на фитосанитарните служби, Агенцијата за храна и ветеринарство и другите служби, кои треба да го интегрираат овој систем, при што една дадена дозвола од која било земја ќе биде прифатлива за сите држави.
– Работиме и на информатичката поврзаност и верувам дека ќе успееме во тој дел и во тек се и други проекти, изјави Заев, оценувајќи дека со ова се сака да се покажат практични решенија од потпишаните декларации, што ќе биде доволен притисок на институциите побрзо да носат законски решенија.
Како што јави дописникот на МИА, српската премиерка Ана Брнабиќ, од своја страна, истакна дека и Србија има покренато повеќе иницијативи за имплементирање договореното во Нови Сад и Охрид.
– Најбрзи резултати може да воспоставиме во слободното движење на стоки и во признавањето на професионалните квалификации кои ќе доведат до тоа да не бидат потребни дополнителни работни дозволи, кои ќе можат да се добиваат автоматски и во што е можно пократок временски период, за луѓето кои сакаат да работат тука, изјави Брнабиќ.
Таа како пример на успешна соработка го истакна отворањето на „едношалтерскиот граничен премин”, кој, како што рече, би можел и подобро да функционира, поради што ќе се работи на електронско поврзување на царините и на ветеринарските и фитосанитарните инспекции, со цел да нема двојни контроли и да се обезбеди побрз проток на стоките на пазар од 12 милини луѓе, со што иницијатива за Мал Шенген ќе стане најдобар проект, кој на краток рок може да донесе поголем конкурентност, нови и подобро платени работни места.