Грчкиот Парламент денеска гласа за промени во Уставот

Процедурата за избор на претседател на државата и правото на глас на Грците кои што живеат во странство се дел од поважните одредби во промените на грчкиот Устав за кои денеска ќе гласаат пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешното гласање, ќе му претходат обраќања на лидерите на политичките партии како и на грчкиот премиер, а минатата седмица се одржа петдневна дискусија во парламентот, на која партиите детално ги презентираа нивните ставови за дел од одредбите што се подложни на измени.

Во однос на можноста Грците кои живеат во странство да гласаат од местото на нивниот престој, по договорот постигнат на комисијата со претставниците од сите партии, се очекува овој член од Уставот да добие широка поддршка од пратениците.

Широка поддршка се очекува да добие и членот 32 од грчкиот Устав што се однесува на одвојување на изборот за Претседател на државата од предвременото распуштање на Парламентот што на минатото гласање во март годинава доби 224 гласови.

Опозициската СИРИЗА предложи претседателот да се бира од народот во случај да не донесат резултат парламентарните процедури, но овој предлог беше отфрлен од владејачката Нова демократија.

Пред осум месеци тогашниот парламентарен состав, на второто гласање го отвори патот за уставните промени кои, согласно Уставот, треба да ќе ги донесе следниот состав на парламентот, што ќе произлезе од изборите.

Предлозите за уставни измени што тогаш добија од 151 до 179 гласови, сега треба да бидат изгласани со 180 гласови, а оние што во март поминаа со минимум 180 позитивни гласови од пратениците, сега за нив е потребно минимално мнозинство од 151 пратеник од вкупно 300 колку што се во парламентот.

Треба да знаете
Последни објави