Абе ја повика Кина да го зачува отворен Хонгконг

Јапонскиот премиер Шинзо Абе денес ја повика Кина да го зачува слободниот и отворен Хонгконг, додека полицијата продолжува со судирите со демонстрантите за време на протестите на таа полуавтономна кинеска територија.

Абе, на состанокот со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, ја истакна важноста од тоа да се дозволи Хонгконг да процвета според принципот една земја, два система, објави новинската агенција Кјодо.

Околу 1.000 демонстранти беа уапсени во Хонгконг минатата недела, откако се барикадираа во зградата на Политехничкиот факултет во Хонгконг, а потоа се судрија со полицијата.

Кинескиот министер за надворешни работи, кој присуствуваше на министерскиот собир на Групата 20 најголеми економии во Нагоја минатата недела, беше копретседател на првиот дијалог на високо ниво за човечка и културна размена помеѓу Кина и Јапонија во Токио со јапонскиот колега Тошимитсу Мотеги.

„Меѓусебното разбирање меѓу нашите народи е неопходна основа за долгорочна стабилност во односите на Јапонија и Кина“, рече Мотеги на почетокот на дијалогот.

Ванг Ји рече дека двата народа учат едни од други, си помагаат едни на други повеќе од 1 000 години.

„Пишаните знаци што ги користиме, оризот што го јадеме, чајот што го пиеме, тоа се симболи на нашата културна размена“, рече кинескиот министер.

Треба да знаете
Последни објави