Американка го снимила убиецот пред да умре, ѝ го покажал куршумот со кој ќе ја убие

Во последните моменти од својот живот, жена од Мичиген успеала со својот мобилен да сними потресно видео од нејзиното момче, како и се заканува дека ќе ја убие, покажувајќи ѝ куршум наменет за неа. Индија Мекеј била застрелана и убиена само еден ден откако го прославила својот 20-ти роденден. Нејзиното момче, 18-годишниот Кевин Диксон, е уапсен и обвинет за убиство од прв степен, како и за скришно носење на огнено оружје. Уапсена е и неговата мајка, која е обвинета за вмешаност во убиството затоа што, наводно, му помогнала на својот син да се ослободи од оружјето, пишува „Еј-би-си њуз“, а пренесува „Индекс“.

Мекеј била убиена во вторникот околу 17:30 часот по локално време во предградие на Детроит. Според информации од полициската станица, таа била застрелана за време на расправија додека заедно со Диксон седеле во комбе паркирано пред неговата куќа.

Жртвата во тој момент го извадила својот мобилен телефон и почнала да го снима Диксон кој седел на совозачкото седиште со пиштол во скутот. Исто така снимила и како и го покажува куршумот со кој ќе ја застрела.

„Мислиш дека се зафркавам, а?“, се слушува како зборува Диксон во снимката објавена од обвинителството.

На видеото се гледа како тој ги брише отпечатоците од прсти на куршумот и го става во пиштолот.

Обвинителот Ерик Смит на првото рочиште рече дека Диксон ја исполнил својата закана набргу, убивајќи ја Индија Мекеј.

Полицијата го уапсила Диксон, а тој, наводно, го искористил мобилниот телефон на жртвата за да се јави кај мајка си и да ја замоли да му помогне да се ослободи од оружјето, појасни Смит.

Кога Диксон се појавил на суд, побарал од судијата да го ослободи, бидејќи само што започнал да работи на нова работа. Судијата го одбил неговото барање и му одредил притвор без можност за кауција.

Треба да знаете
Последни објави