Ангеловска: Буџетот-реален и развоен, догодина почнуваат голем број капитални проекти

Ако се гледа дали буџетот е развоен, само по уделот на капиталните инвестиции – за догодина тие се планирани на 9,8% од вкупните расходи, додека во 2016 година биле 9,2%. Ако гледате просек за последните 15 години, капиталните расходи се 3,3% од БДП, со буџетот за догодина е 3,2% од БДП. Ова го рече министерката за финансии Нина Ангеловска и посочи дека сега за разлика од порано се оди со реална проекција на овие расходи во буџетот.

Ангеловска посочи дека во капитални расходи спаѓаат и набавка на возила и мебел, и дека со Буџетот за 2020 година за разлика од порано, овие ставки се намалуваат.

Таа рече дека во предлог-буџетот за 2020 година има голем број на нови капитални проекти.

– Велите продолжуваме стари проекти, како локални патишта, студентски домови – не е продолжување на стари, тоа се нови проекти. Тоа се проекти кои започнаа оваа или започнуваат следната година. Проект за унапредување на социјални услуги треба да започне 2020 година – нов проект. Проект за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан – 26 милиони евра од Светска банка – започна 2019 година. Нов проект за локални патишта кој ќе започне во 2020 година. Програма за наводнување – нов проект. Реконструкција на студентски домови со КфВ банката – нов проект. Проект за енергетска ефикасност – нов проект. Пречистителна станица со ЕИБ и ЕБОР – исто така нов проект – рече Ангеловска.

Таа посочи дека покачувањето на платите како процент од БДП изнесува 4%, како и дека ако се погледне последните 10 години тие изнесувале и 4,5%, 4,4% од БДП. Таа рече дека со покачување на приходите кај граѓаните, односно платите и пензиите, ќе се стимулира потрошувачката, а со тоа и економскиот раст.

Треба да знаете
Последни објави