(Видео) Пожар во стан во Сплит: Температурата достигнала до 1.000 степени, се топела пожарникарската опрема

На сплитските пожарникари им биле потребни осум часа за да изгаснат пожар во стан на шести кат, во кој огнот го проголтал целиот станбен простор, а температурата достигнала дури 1.000 степени, предизвикувајќи топење на пожарникарската опрема.

Покрај конкретниот стан, каде пожарникарите пронашле голема количина отпад, па дури и автомобилски гуми, оштетени се и балконите на становите погоре, како и оние под него каде се излеала вода од гасењето на пожарот, пренесе „Хина“.

Командирот на сплитската јавна противпожарна единица (ЈВП), Иван Ковачевиќ, рече дека од огромната температура што ја создал пожарот, се стопила опремата на пожарникарите, а металната ограда на балконот се претворила во пепел.

„Нашите костуми се тестирани на 1.000 степени и благодарение на оваа висококвалитетна и најсовремена опрема, пожарникарите не претрпеле повреди на толку високи температури, односно не добиле никакви изгореници“, кажа тој.

Поради разните отпадоци во станот, пожарот беснеел неконтролирано, а дополнителен проблем за пожарникарите било и тоа што имале отежнат пристап до зградата поради паркираните автомобили.

Пожарот избувнал во 9 часот во неделата, а во неговото гасење учествувале 41 пожарникар со 15 возила, како и членови од Волонтерската противпожарна асоцијација од Сплит.

Треба да знаете
Последни објави