Во Гостивар отворен втор стационар за бездомни кучиња

Во објект во поранешните воени магацини близу Долна Бањица од денеска функционира уште еден стационар за бездомни кучиња. Новиот стационар е дел од напорите на локалната самоуправа за хуман третман на животните.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари на отварањето  нагласи дека проблемот со бездомните кучиња се решава студиозно, но како што рече потребно е системско решение.

– Нашите заложби за третман на бездомни кучиња запона пред две години. Досега се третирани 370 кучиња и со овие во двата стационари, вкупната бројка надминува 470. Не сум во целост задоволен од постигнатото. Имаме изработено физибилити студија според која има над 700 кучиња на терторијата на Општина Гостивар и според тоа, нетретирани треба да се над 200. Но мислам дека таа бројка е многу поголема, бидејќи се сомневаме дека кај нас се носат кучиња од други места. За овој проблем потребна е поддршка од Владата и тој да се решава системски со давање на препораки и насоки, рече Таравари.

Новиот стационар е дел од проект „Дај ми засолниште за спас” што го спроведува Иницијативата за граѓански интеграција (ИГИ) има 30 боксови и три помошни простории. По осум месеци, опремениот стационар ќе прејде во сопственост на Општината.

– Со овој проект обезбедивме вработување на двајца заловувачи на кучиња и двајца работници во стационарот за наредниве пет месеци, по што Општината се обврза да ги превземе како трајни вработувања, рече Анета Филипоска од Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ) и нагласи дека се разгледува можноста финансирање со зафаќање на мал процент од сметките за комунални услуги.

Отварањето на стационарот е овозможено со поддршка од програмата за локалната демократија на Западен Балкан (рилоуд), ЕУ и УНДП.

Според проценките на општинските власти по градските улици и околните населби има над седумстотини бездомни кучиња кои често напаѓаат граѓани и им нанесуваат повреди. Општината минатата година најави ублажување на проблемот со третирање и згрижување на животните. 

Треба да знаете
Последни објави