Самоопределување се жали на Врховен суд за 392 гласа од дијаспората

Движењето Самоопределување (ВВ) поднесе денеска барање до Врховниот суд на Косово да ја поништи одуката на Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП) за отфрлање на 392 гласа од косовската дијаспора и да наложи нивно пребројување и вклучување во конечните резултати на изборите одржани на 6 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Станува збор за коверти со гласови пристигнати во Централната избора комисија (ЦИК) со големо задоцнување односно на 12 ноември, меѓутоа ВВ тврди дека тие гласови се важачки, затоа што се испратени во законски предвидениот рок. Врховниот суд порано, на крајот на октомври, уважи две исти такви барања на ВВ, по што беа признаени како важечки и станаа дел од изборните резултати 4.639 гласа од дијаспората, кои беа стасани во ЦИК со неколку дена задоцнување.

– Очекуваме Врховниот суд да го потврди уште еднаш ова право (на дијаспората) и да наложи пребројување на тие гласови без да се губи време, се вели во соопштението на ВВ.

Партијата на Албин Курти, која победи на вонредните парламентрни избори, смета дека претходните одлуки на највисоката судска инстанца би требало да служат како доволна основа за ЦИК да ги прифати и преброи последните 392 гласа, но по одлуката на ПЗАП за нивно поништување била принудена повторно да се обрати на Врховниот суд. ВВ тврди дека за големото доцнење во сертификацијата на резултатите од гласањето на 6 октомври е виновен ПЗАП, со неговите „арбитрарни одлуки за пребројување, односно интервенирање во резултатите”.

ПЗАП во петокот, 22 ноември, го отфрли барањето на ВВ за признавање на гласовите стасани на 12 ноември.

Треба да знаете
Последни објави