Два чекора ја делат македонската фудбалска репрезентација од историски пласман на едно Европско првенство. Вратени се надежите кај навивачите низ целата држава дека, покрај ракометарите, кошаркарите, одбојкарите, и фудбалерите ќе се најдат на еден завршен континентален собир. Огромна заслуга за подемот на националниот тим, има селекторот Игор Ангеловски кој во интервју за МИА изјави дека го има тимот што го замислуваше прд четири години.
Селекторе, постигнат е најголемиот успех во еден квалификациски циклус за големите натпреварувања. Освоено е третото место во Г-групата од квалификациите за ЕУРО 2020. Ваш краток осврт на постигнатото. Колку сте задоволен играта, резултатите?
Мислам дека се она што се случуваше во квалификациите мора да на крајот да бидеме задоволни кога нели надополнети со податок дека Македонија никогаш не завршила во едни квалификации во својата историја на трето место, покажува дека оваа генерација, јас неколкупати кажав дека е најдобрата што сме ја имале и сега резултатски тоа го направи,но тоа не треба да биде нешто што ќе не задоволува, него што ќе ни даде мотив за понатака да продолжиме со овие игри. Но овој тренд на позитивни резултати не е само во квалификациите и во Лигата на нации го освоивме првото место, така да тоа се веќе подолг период игри, резултати и нели како што кажавте ја вративме и довербата и публиката на нашиот стадион.
Не е изборено учество на Европското првенство, но шансата останува преку Лигата на нации каде во полуфиналето за противник ја имаме селекцијата на Косово, играме на домашен терен.
Па добро, натпревар како натпревар ние ќе се спремаме како и за сите претходно, нели во детали ќе го изанализираме противникот. Би посакал да не одбегнат некои повреди за тој натпревар да што е можно имаме нели поголем фонд на фудбалери. Фудбалерите да имаат минутажа во своите клубови, да бидат спремни и со една поддршка од нашите навивачи очекувам да биде нели стадионот исполнет до последно место, сите заедно да прославиме еден историски резултат, а тоа пласман во финалето и еден натпревар во европско првенство.
Пред вашето поставување на селекторската функција, македонската репрезентација беше во незавидна положба и со пласман на ФИФА ранг листата околу 140. место. Сега, Северна Македонија е 68-ма. „Имаме фудбалери со силен карактер и заеднички треба да направиме тим во функција на резултатот”, е една од вашите први тогашни изјави. Дали по четири години, го имате тимот кој го замислувавте со оглед на големиот прогрес на ФИФА листата?
Го имаме тимот и горд сум на тоа затоа што тогаш во тоа време никој не веруваше во нашата репрезентација. Јас еден показател ќе кажам на првиот мој натпревар пријателски и официјален како селектор против Црна Гора дали имаше едвај 200 навивачи, сега стадионот повторно е полн. Вие тоа што го спомнавте 80 и нешто места натпревар на ФИФА ранг листата , првото место во Лига на нации, третото место во квалификациите ме прават како и човек и нели тренер кој ја предводи нашата презентација, горд, но за сето тоа најзаслужни се фудбалерите затоа што они со својот квалитет покажаа дека ја вратија Македонија онаму каде што припаѓа.
Како тренер на Работнички, покрај успешните резултати, сте заслужен и за промоција на неколку млади талентирани фудбалери. Ова беше една од причините поради која бевте доведени во репрезентацијата. Енис Барди и Елиф Елмас, Висар Муслиу, Дарко Велковски, веќе се стандардни. Последни од младите кои добија шанса во А-тимот се Влатко Стојановски и Тихомир Костадинов. Како сте задоволни од процесот на подмладување, бидејќи и нашиот најдобар играч Горан Пандев веќе е на залезот на кариерата?
Секогаш велев и давав изјави дека никогаш не стравувам да ставам млад фудбалер доколку со својот квалитет мислам дека има квалитет има да настапува за репрезентација. Тоа и како тренер во клубот кај што работев го докажав, а и сега во репрезентацијата, нели Елмас на 18 години дебитираше против Шпанија, тогаш беше фудбалер на Работнички, сега знаеме каде е и каков фудбалер добивме. Висар Муслиу, Енис Барди се исто така членови на онаа генерација која нели го избори тој историски пласман на Европско првенство и јас без страв ги внесов во поголем број во А тимот и потпомогнати од оние искусните и предводени сите заедно од Горан Пандев направивме една навистина репрезентација, репрезентација во која е задоволство да се работи, каде што навистина има една одлична атмосфера, почитување и сето тоа надополнето со квалитетот ги донесе оние резултати кои претходно ги споменавме.
Во минатото често бевме сведоци на изјави од фудбалерите: „ Додека е тој селектор јас не играм за репрезентацијата”. Дали Ангеловски во текот на овие четири години се соочи со сличен проблем?
Воопшто не ме интересираат такви изјави доколку ги имало. Никој не игра за селекторот, никој не игра за било кого, овде играат за државата, играат за Македонија, за македонскиот дрес, така што секој оној кој ќе добие повик од селекторот е должен да се јави и да го даде максимумот за репрезентацијата.
Сега, кога „летвичката” е подигната на едно повисоко ниво и кога очекувањата на јавноста за пласман на едно големо натпреварување се големи, чувствувате ли притисок од Фудбалската федерација на Македонија, да се направи тој решавачки чекор?
Искрено јас само чувствувам мотив и желба да стигнеме конечно до едно Европско првенство затоа што фудбалерите заслужија со сето она што го прикажаа низ квалификациите со својот квалитет, со својот однос, притисок не чувствувам. Јас пред седум месеци од Управниот одбор добив и нов договор што ете го препознаа мојот квалитет на работа, така што мојот важечки договор е до декември 2020 и еве, јас само докажав дек биле во право и им благодарам на довербата. Јас ќе се потрудам како и досега секој момент на ова место да го исполнам максимално професионално и чесно да дојдеме до она што сите го посакуваме на крајот.
Публиката се врати на трибините во поголем број за разлика од претходните години. Веќе нема свирежи кон репрезентативците, дури и кога не им оди. Ваша порака до навивачите пред следните предизвици?
Мислам дека се она што се случува во репрезентацијата ние го пресликавме и на трибините. Едноставно навивачите ја видоа нашата сложност во репрезентацијата на Македонија да настапуваат фудбалери кои се од различна и верска и национална припадност, но ние не се делиме на тоа, ние живееме како едно големо сложно семејство и впрочем може да се забележи секоја радост по постигнат гол, по победа дека навистина тоа е така и ние добро знаеме дека е така и таа наша сложност мислам дека ја пренесовме и на публиката. Јас сум благодарен на навивачите штоп доаѓаат во толкав голем број затоа што ако сакаме да стигнеме на Европско првенство мораме сите да работиме во интерес на репрезентацијата. Овие се четири месеци клучни така што очекувам максимална поддршка од сите чинители во државата и на крајот во март да дојдат во голем број што не се сомневам дека ќе го исполнат и стадионот до последно место и како што кажав сите заедно да славиме еден голем успех.
Оценка за состојбата во македонските клубови кои зад себе имаат катастрофална сезона во евро-куповите?
Јас потекнувам тука од Македонија и добро ги знам проблемите со кои се соочуваат клубовите и секогаш ја имаат мојата поддршка и јас, еве и со повикување на фудбалерите од домашната лига сакам да дадам до знаење дека има квалитет во нивните редови и дека го ценам она што го работат, а резултатите во европското лето оваа сезона беа катастрофални, за жал. Пред две години го имавме оној историски успех на Вардар кој сите не израдува кога се пласираа во групната фаза. Клубовите мора да продолжат да инвестираат и да работат, но пред се да инвестираат во македонски фудбалери, да не им даваат можност на сомнителни странски фудбалери. Јас не сум против никого, без разлика што сум на оваа позиција, јас и кога бев во клубот секогаш домашните фудбалери имаа предност и само така можеме кога ќе створиме услови за нивна надградба, за да го подигнат нивниот квалитет, а со самото тоа ќе го подигнат и квалитетот на клубот. Така што мислам дека клубовите мора да го сфатат тоа и да продолжат да инвестираат во домашни млади фудбалери.
Каде се гледа, или каде би сакал да работи Ангеловски во некое идно време?
Најпрво се гледам покрај мојата сопруга, Лука, Луна и Леа, моите дечиња затоа што навистина им недостасувам, но многу обврски бара оваа функција и многу отсуства од домот и првото што ќе го направам ќе го посветам на нив. Не сум планирал и сега сум сконцентриран на она што го работам, каде ќе ме одведе патот не знам.
Многу успех во мартовските мечеви од Лигата на нации, најпрво со Косово, а потоа се надеваме и во финалето со Грузија или Белорусија па заедно да се радуваме на учество на ЕУРО 2020.
Благодарам. Само сакам да ја уверам јавноста дека ние се што е во рамките на нашите можности ќе направиме за да дојдеме до таа победа и на крајот до пласман на едно Европско првенство.
Зоран Стерјовски