По францускиот предлог за реформи на политиката на проширување, земјите-членки на Европска Унија ќе дебатираат за уште еден документ за преиспитување на функционирањето на Унијата, објави порталот „Политико”.
Нацртот на двогодишната „Конференција за иднината на Европа” заеднички го составија Париз и Берлин, со цел зајакнување на единството и суверенитетот на ЕУ.
Според порталот „Политико” тоа е заедничка иницијатива на Франција и Германија за функционирање на ЕУ и за можните неопходни промени, во кои би можело да биде вклучено и измена на Уставот на Унијата.
На Конференцијата би требало да бидат разгледани сите прашања кои би „ја насочиле иднината на Европа во правец на поголемо единство и суверенитет”, како што е улогата на ЕУ во светот, безбедноста, соседството, дигитализацијата, моделот на социјална пазарна економија, климатските промени, миграцијата, борба против нееднаквоста, владеењето на правото и европските вредности.
„Политико” истакнува дека според документот инцијативата ќе се состои од две фази.
Првата фаза би се фокусирала на демократското функционирање на ЕУ односно на методологијата за избор на клучните места во Унијата.
Втората фаза на германско-француската иницијатива би била насочена кон преиспитување на „приоритетите во политиката”, а треба да биде завршена во следните две година.
Нацртот од две страници не содржи многу детали, но „Политико” оценува оти тој претставува заеднички документ на Париз и Берлин за надминување на постоечките тензии и разидувањето во ставовите помеѓу Франција и Германија.
Се очекува лидерите на ЕУ самитот во декември да ја разгледаат иницијативата.
Се уште не е познато на каков начин земјите-кандидати за членство во ЕУ ќе можат да учествуваат во разговорите за иднината на ЕУ.