Синоќа градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски присуствуваше на прославата на четириесет годишното постоење на ЈДГ „8 Март”.
На свеченоста, која се одржа во Националната опера и балет големиот број присутни имаа можност да уживаат во прекрасните музички точки во изведба на децата од градинката.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Филип Темелковски најпрво се заблагодари на сите воспитувачки и негувателки за трудот што го вложуваат да изведат на пат воспитана и здрава младина.
„Мене како градоначалник грижата за младите ми е најважна и затоа постојано согласно можностите кои ги имам вложувам максимални напори за подобрување на условите за престој во градинките во нашата општина. Нема ништо поважно од децата, тие се иднината на нашата држава, затоа сите ние без разлика на тоа кои сме, што работиме, од најмала возраст треба да ги учиме децата на морални вредности, да бидат чесни, да знаат да почитуваат различности, да бидат толерантни, хумани и праведни. Да ги научиме да ги ценат вистинските вредности” – нагласи градоначалникот Филип Темелковски.
„Приредбите од ваков карактер поттикнуваат позитивни емоции кај сите нас, особено кај најмалите, кои се највозбудени, најсреќни и учествуваат со многу радост и желба. Приредбите се од особено значење во воспитно-образовниот процес. Со учество во нив кај децата се поттикнуваат самодовербата, комуникацијата, соработливоста, тимската работа. Социјалниот контакт со врсниците е од особено значење. Стануваат свесни за нивната одговорност при самиот настап и се трудат да бидат максимално исполнителни, а сето тоа го прават со многу емоции” – истакна директорката на градинката, м-р Павлинка Топузоска.
Од почетокот на мандатот на градоначалникот Темелковски, Општина Кисела Вода ги обнови поголемиот дел од објектите на двете јавни детски градинки „8 Март” и „Весели Цветови”. Во објектите на „8 Март” извршени се повеќе реконструктивни зафати, обновени се тоалетите, набавена е нова кујнска опрема, нови детски креветчиња, плакари, масички и столчиња. Покрај ова, Општината со цел да го заштити здравјето на децата од големото аерозагадување во сите објекти на двете јавни детски градинки постави прочистувачи за воздух.
Општина Кисела Вода ќе продолжи да реализира проекти во насока за обезбедување правилен развој на децата.