Најмалку 28 демонстранти се приведени, а тројца се повредени кога полицијата го растера митингот на опозицијата пред парламентот во Тбилиси, соопшти грузиското Министерство за внатрешни работи, пренесува ТАСС.
„На митингот пред парламентот беа уапсени вкупно 28 лица поради прекршоци согласно членовите 173 (одбивање да се исполнат барањата на полицијата) и 166 (ситни кривични дела) од Кодексот за административни престапи. Три лица се здобиле со повреди и им била обезбедена медицинска помош “, се вели во соопштението на грузиското МВР.
Демонстрантите, кои во последните две недели бараат предвремени парламентарни избори според пропорционалниот систем, одлучија да одржат протест пред парламентот и се обидоа да ги спречат пратениците да присуствуваат на пленарна седница.
Тие поставија шатори пред зградата и решија да останат таму ноќта, но утроvо специјалните сили со водени топови ја растераа толпата. Полицијата го нарече собирот нелегален, нагласувајќи дека демонстрантите го прекршиле Законот за собири и манифестации, со кој се забранува блокирање на влезовите во парламентот и патиштата.
Грузискиот парламент на 14 ноември одби да ја поддржи идејата за уставни измени во врска со парламентарните избори во 2020 година, врз основа на пропорционален систем. Повеќето пратеници од владејачката партија кои го иницираа предлог-законот се спротивставија на оваа идеја.
Изборите според пропорционалниот систем се едно од барањата за кои демонстрантите пред грузискиот парламент вршат притисок од 20 јуни. На 17 ноември демонстрантите првпат го блокираа парламентот. Следниот ден, полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги расчисти пристапите кон зградата на парламентот.