Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, објави дека Град Скопје, како град на хуманитарноста, кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарувањето на преживеани под рушевините.
„Правиме се’ што е можно за помош во овие трагични моменти“, порача градоначалникот на „Фејсбук“ додавајќи дека на утрешната седница на Советот на Град Скопје, ќе побара да се донесе одлука за доделување на помош на настраданите во катастофалниот земјотрес во Драч.
„Имајќи впредвид дека за оваа одлука веќе се координирав со советничките групи во Советот, очекувам дека одлуката ќе биде едногласно донесена“, најави Шилегов.
Албанија во раните утрински часови беше погодена од силен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер, кој во земјата е најсилниот во последните три децении. Во портесот загинаа најмалку шест лица, повеќе од 300 се повредени и беа предизвикани големи материјални штети.