Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со ФАО утре и задутре во Берово, во рамки на проектот „Африканска чума кај свињите – подготвеност и брзо постапување”, ќе одржи симулациска (практична) вежба за тестирање на системот на подготвеност во справувањето со оваа болест која не е присутна во земјава.
Практичниот дел од симулациската вежба ќе се реализира на индивидуална фарма во село Русиново, на комерцијална фарма во село Умлена и во ловиште, а теоретскиот дел во Берово, каде ќе се тестира координираноста на институциите и протокот на информации во врска со болеста. Целта е проверка на функционалноста на Планот за итни мерки за справување со африканската свинска чума, со цел обезбедување висок степен на заштита при евентуална нејзина појава и спречување на нејзино ширење.
Учесници на вежбата ќе бидат официјалните ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, стручни лица од ФАО, претставници од Факултетот за ветеринарна медицина и од ветеринарните друштва со кои Агенцијата има склучено договори за спроведување на активности за здравствена заштита на животните од јавен интерес.