– Претседателот на Косово Хашим Тачи го прогласи утрешниот ден, среда, 27 ноември, за ден на жалост во земјата во чест на жртвите на земјотресот што во денешните утрински часови се случи во Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Во знак на државна и граѓанска почит, среда, 27 ноември ноември 2019, се прогласува за ден на жалост во Република Косово, по земјотресот во Албанија, кој остави десетици загинати и многу повредени, се вели во објавата од кабинетот на Тачи.
Државното знаме на Република Косово утре ќе биде истакнато на половина копје во сите државни објекти на Косово, во и надвор од земјата.
Албанија рано утрово ја погодија серија земјотреси во кои, според последните официјални информации, објавени нешто пред 18 часот, загинаа најмалку 19 лица, а причинети се и големи материјални штети, нарочито во приморскиот град Драч и местото Тумане, како и во околните населени места.