Тројца мажи од Балтимор, кои поминале 36 години во затвор, се ослободени откако биле погрешно обвинети за убиство во 1983 година.
На Алфред Честнут, Рансом Воткинс и Ендру Стјуарт им е укината пресудата за првостепено убиство на средношколецот Девит Дакет.
Честнут и Воткинс имале 16 години кога биле уапсени, а Стјуарт имал 17 години. Тие се во затвор оттогаш, пренесува „Си-ен-ен“.
Дакет (14) бил застрелан и убиен во ноември 1983 година заради тогаш популарна и скапа јакна. Честнут, Воткинс и Стјуарт биле осудени за неговото убиство врз основа на сведочења, но и клучни докази на обвинителите – истата јакна што ја носел Дакет била пронајдена и во спалната соба на Честнут.
Сепак, немало никаква трага на крв или употреба на огнено оружје на јакната на Честнут. Неговата мајка ја доставила сметката во полиција, а вработена во продавница потврдила дека мајката неодамна ја купила.
И покрај овие докази, сите тројца тинејџери биле уапсени на Денот на благодарноста.
Нивните сегашни адвокати изјавија дека се „преплашени“ од количеството ослободителни докази што не им биле дадени на адвокатите на одбраната или на поротата.
„Се работи за намерно прикривање и погрешно претставување на ослободителните докази, докази што ќе покажат дека убиството е извршено од некој друг, а не од обвинетите“, рече јавниот правобранител Мерилин Мозби.