Северна Македонија е силно посветена на развој на партнерството со Грција, базирано на пријателство и заедничкиот интерес на граѓаните на двете држави за просперитетен регион. Во тој контекст, Преспанскиот договор е чекор што ја демонстрира посветеноста за развој на добрососедски односи и соработка, истакна претседателот Стево Пендаровски, на денешната средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, кој престојува во посета на земјава.
Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Грција, за европските и евроатлантските перспективи на Северна Македонија, како и за состојбите во регионот.
Претседателот Пендаровски, се посочува, се заблагодари за силната поддршка од Грција за почеток на претпристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија за време, и по последниот Европски Совет.
Во очекување на новата методологија за водење на пристапните преговори, Северна Македонија е фокусирана кон интензивирање на реформскиот процес, со цел што поскоро отворање на пристапните преговори за членство со ЕУ, истакна претседателот Пендаровски, стои во соопштението.