Влажните коловози, кои се честа и нормална појава во овој период од годината, претставуваат сериозна закана за безбедното одвивање на сообраќајот. Намалена видливост, продолжување на сопирачкиот пат на возилото, замор, деконцентрација, …. се само дел од начините на кој дождот и влажните коловози влијаат на безбедното одвивање на сообраќајот, предупредува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во услови на дожд, магла и влажни коловози, РСБСП ги советува возачите да ја намалат брзината, да држат безбедно растојание, секогаш да користат светла, во услови на магла тоа да бидат соборени светла (магленки)….
Истражувањата покажуваат дека при брзина од 60 километри на час на сув коловоз, сопирачкиот пат на возилото е 34 метри, додека на влажен коловоз 39 метри. На брзина од 100 километри на час на сув коловоз, сопирачкиот пат на возилото е 77 метри, додека на влажен коловоз околу 90 метри. Водејќи се од оваа, РСБСП потенцира дека во услови на дожд и влажни коловози, првата работа што треба да ја направи секој одговорен возач, е да ја намали брзината.
РСБСП истакнува дека во услови на лоша видливост и продолжен сопирачки пат на возилото, поради дождот и влажните коловози, особено е важно да се држи безбедно растојание помеѓу возилата со цел возачот да има доволно време и простор да презема соодветни дејствија во случај на непредвидени и опасни ситуации во сообраќајот.
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува обврска за задолжително користење на светлата и во денски и во ноќни услови, но РСБСП посебно потенцира дека во овој период од годината, видливоста е значително намалена, поради временските услови и краткиот ден, со што употребата на светлата добива на уште поголема важност кога е во прашање безбедноста во сообраќајот.
Маглата го намалува видното поле на возачот, ја намалува ориентацијата во просторот и доведува до погрешна проценка за растојаниерто помеѓу возилата. Затоа, апелираат од РСБСП, користете светла, бидете концентрирани и намалете ја брзината и не заборавајте да ги исклучите светлата за магла кога ќе го напуштите делот од патната мрежа кој е покриен со магла.
Како што укажува РСБСП, возачите почетници се посебно загрозени и претставуваат посебна ризична група кога е во прашање возењето по влажни коловози. Препорачува да земат дополнителни часови на обука во автошколите или да организираат дополнителна обука со искусни возачи кои дополнително ќе им укажат како треба да се однесуваат во сообраќајот во услови на магла, дожд и влажни коловози.
Во услови на обилен дожд, кој е карактеристичен за овој период од годината особено важно е возилото да поседува квалитетни бришачи за ветробранското стакло и на тој начин да се овозможи брзо и квалитетно чистење на водата од ветробранското стакло, советува РСБСП и потсетува и на обврската да се користат зимски гуми, како и да се внимава на патиштата со огле ддека во овој период од годината се случува нерамните коловозни површини да се исполнат со вода, кал и лисја на патот.
– Дождот многу често предизвикува поспаност, пад на концентрацијата кај возачите и замор. Особено кај помладите и неискусни возачи и кај повозрасните возачи кои имаат пониско ниво на психофизичка подготвеност и помала способност за одржување на концентрацијата. Оваа појава особено е изразена кај лицата кој спаѓаат во категоријата на „метеопати”. Бидете концентрирани, патувајте одморени и правете повеќе паузи, особено ако патувате на подалечна дестинација, порачуваат од РСБСП.