На Универзитетската клиника за детски болести, Одделот за кардиологија и ревматологија, денеска Стопанска банка АД – Скопје преку проектот „Вози од срце” донираше врвен ултразвучен апарат Philips „Affinity” 70 со сонди соодветни за преглед на деца од сите возрасти.
– Овој апарат нуди беспрекорен квалитет на 2D слика посебно кај технички тешки случаи со над 7.500 параметри со кои може да се персонализира прегледот и голем екран со висока резолуција. Апаратот нуди брза, точна и сигурна дијагностика а притоа е и енергетски ефикасен со што нуди простор за заштеда на време и на ресурси за болницата. Дополнително, оваа дијагностичка опрема ќе може да се користи и за истражувачки цели на медицинскиот тим со кои ќе се остварува и едукативната функција на Клиниката, соопштуваат од Стопанска банка АД – Скопје.
Претседателот на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје и генерален извршен директор Диомидис Николетопулос изјави дека се задоволни што гледат дека медицинскиот тим на Клиниката чувствува професионална мотивација што ќе може да користи врвен дијагностички апарат во своето работење и чувствува дека ќе може повеќе и подобро да помогне на своите пациенти.
Директорката на ЈЗУ „Универзитетска клиника за детски болести”, д-р Наташа Најдановска Алулоска рече дека за клиника, која се грижи за најмалите пациенти е од голема важност да се има современа опрема со која за кратко време и без компромис во квалитетот ќе врши преглед и дијагностика кај најмалите пациенти.
– Унапредувањето на дијагностиката кај педијатриската кардиологија, особено кога станува збор за вродените срцеви аномалии и раното упатување во кардиолошките центри, е главна цел во навремената помош на децата. Голема благодарност до одговорниот тим на Стопанска банка АД-Скопје, но и на сите кои ја поддржаа хуманитарна акција „Вози од срце”. Здравјето на децата се најважно, изјави Најдановска Алулоска.
Таа додаде дека дополнително, оваа дијагностичка опрема ќе може да се користи и за едукативни цели на медицинскиот тим.
Покрај врвниот медицински апарат, Банката за кабинетот во кој се одвиваат прегледите донираше нов мебел и ИТ опрема за подобри услови и за пациентите и за медицинскиот тим