Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис имал телефонски разговор со неговиот албански колега, Еди Рама по силниот земјотрес што ја погоди Албанија, а специјална единица за справување со катастрофи на грчката противпожарна служба итно заминува за соседната земја за да помогне во потрагата и спасувањето, соопштуваат од кабинетот на претседателот на владата на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
-Телефонски разговарав со премиерот на Албанија, Еди Рама за да ја изразам поддршката на грчкиот народ. Веднаш заминува специјална единица за справување со катастрофи за да помогне во спасувачката акција, а Грција на било кој начин доколку е потребно ќе придонесе во справувањето со последиците од земјотресот, напиша Мицотакис на „Твитер”.
Според грчките медиуми, од Атина ќе замине специјална единица со 26 пожарникари, а не е исклучена можноста, единици од Јанина и Солун исто така да заминат за Албанија за да помогнат во потрагата и спасувањето.