Со симболично ѕвонење на портокалови ѕвончиња, претставници на Владата, Обединетите нации, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, претставници од амбасадите во земјата, граѓанскиот сектор, активисти и медиуми, вчеравечер заедно го означија почетокот на годинешната кампања 16 Дена активизам, во портокалово осветлениот парк Жена Борец.
На Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, со овој настан започнуваат низа активности на социјалните медиуми, дебати и работилници под слоганот „#НемаОправдување – заедно против насилство врз жени и девојчиња“.
Резидентната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, порача дека секоја личност, маж или жена, може да придонесе за да се спречи насилството и тоа вообичаено не бара големи акции.
„Може да се започне со подготвеност да се препознае тоа што се случува. Ако се види нешто, да се направи нешто. Да им се даде глас на тие што обично од срам молчат. Заедно можеме да ставиме крај на молчењето. Заедно може да се бориме против насилството врз жени и девојчиња. Зашто едноставно, за насилството нема оправдување“, рече таа.
Цел на кампањата што ќе трае до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жените и девојчињата.
Кампањата се надоврзува на овогодинешната глобална тема: „Обојте го светот во портокалово: Генерацијата Еднаквост зазема став против силувањето“. Портокаловата боја, која веќе години наназад се користи во рамките на оваа кампања, е избрана како симбол за посветла иднина и за свет ослободен од насилство врз жени.