Три закони со кои ќе се обезбедат финансиски средства за финансирање на крупни капитални проекти како Програма за наводнување на Северна Македонија, изградба на мали хидро централи на ХС Лисиче и пречистителна станица за отпадни води во Скопје усвои Владата на денешната 167-ма седница.
Програма за наводнување на Северна Македонија опфаќа рехабилитација и проширување на четири системи за наводнување по долината на реката Вардар (Страиште, Лисиче, Коњско и Пепелиште), а вкупната инвестициона вредност на Програмата изнесува 110,7 милиони евра.
– За Програмата за наводнување предвидени се средства преку заем од Владата на Германија, преку КфВ, во износ од 80 милиони евра, грант средства од Владата на Германија во износ од 2,8 милиони евра и учество на Владата на Република Северна Македонија во износ од 27,9 милиони евра, соопшти владината прес-служба.
Оттаму посочуваат дека на предлог на Министерството за финансии, Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, со кој, меѓудругото, ќе се изврши појаснување, допрецизирање и олеснување што произлегуваат од одредбите од Законот кои се однесуваат на: непризнаените расходи, правото на даночен кредит за одредени зголемувања на даночната основа, како и за работи кои се однесуваат на граѓанските непрофитни организации.