Ангела Георгиевска обвинета дека учествувала во убиството на Пино Секондо, на почетокот на судењето изјави дека не е виновна и дека не сторила ништо од тоа што ја товарат.
Нејзиниот адвокат, Еленко Миланов рече дека ќе докажат дека Ангела е обвинета поради притисокот на јавноста врз институциите и без ниту еден доказ.
-Освен дека Пино е починат нема ниту еден доказ за начинот, времето и местото на кое е убиен. На 10 и 11 12 во вечерните часови нема никакви докази за комуникација меѓу Ангела и Пино и нема допринос во смртта на Секондо и дека тоа што се тврди дека го сторила. Фактот дека не е виновна е потврдено и во предистрагата со полиграфско тестирање и тоа два пати и оти такво манипулирање на техниката од 21 г Ангела е невозможно. Самото почнување на постапката без обвинетиот Али Фуркан оди во насока дека не може ниту времето или било кој факт да се утврди, рече Миланов.
Обвинителката Лидија Раичевиќ реагираше и рече дека полиграфот не е доказ во судска постапка туку начин на собирање на информации во истрагата во полицијата и таму завршува.
Таа во воведниот збор не го читаше обвинението туку рече дека преку техниката на вкрстено испрашување на секој учесник во постапката ќе го докаже убиството кое според неа е карактеристично на многу начини.
Таа рече дека ОЈО ги нема мобилните телефони, но ниту дека не и се потребни листинзите за да докаже дека Пино и Ангела коминицирале критичниот ден и тоа преку сведочења на живи лица во постапката.
Претходно адвокатот Димитар Дангов, застапник на оштетената Маја Трпковска, мајка на Пино, најави дека ќе бараат имотно правно побарување од обвинетата врз основа на претрпената душевна болка.
И.Ш.