Гутереш: Мултилатерализмот е поважен од кога било

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека светот не може да ги совлада големите предизвици што му се закануваат без силно мултилатерално владеење.

– Денешните проблеми се глобални проблеми и ниту една држава не може сама да ги реши. Потребна ни е меѓународна соработка за да би реагирале на климатските промени, за да се справиме со последиците од дигитализацијата и за да ги решиме сериозните проблеми со тероризмот и криминалот ширум светот. Поради тоа мултилатерализмот денес е поважен од кога било, посочи Гутереш во интервју за „Дојче веле”.

Тој осврнувајќи се на ситуацијата во Сирија наведе дека е добро што е формиран Уставен одбор за Сирија, но оти тоа се уште не е политичко решение што мора да биде врз основа на одлуката на Советот за безбедност.

– Покрај тоа, сите држави вмешани во судирот во Сирија мора да признаат дека своите интереси треба да ги остават на страна и заеднички да работат на ставање крај на ситуацијата, поради што толку многу Сиријци се изложени на неподносливи страдања, посочи Гутереш.

Тој укажа дека е неопходно почитување на човековите права, а кога станува збор за малцинствата мора да постои политика за зачувување на идентитетот.

Гутереш се осврна и на претстојната Конференција за климата, што ќе се одржи од 2 до 13 декември во Мадрид, при тоа истакнувајќи дека е важно да се оствари напредок за членот шест од Парискиот договор, бидејќи „светот се наоѓа во ситуација во која би можел да ја изгуби трката со времето”.

– Но, земјите учеснички, вклучително и нивните претприемачи, но и претставници на цивилното општество, би морале пред се да покажат дека имаат сериозни намери во надминување на моменталната ситуација што е неподнослива. Емисиите на штетни гасови и понатаму растат, посочи Гутереш, додавајќи дека е неопходна политичка волја за успешна борба против климатските промени.

Треба да знаете
Последни објави