Паула Хаџгел (52), мајка на осум деца и нејзиниот сопруг Марк го посвоиле сега петгодишниот Тони додека тој сè уште бил бебе, откако неговите биолошки родители толку многу го малтретирале што лекарите морале да му ги ампутираат нозете.
И двајцата родители сега се во затвор, каде издржуваат казна од десет години. Но, Паула и Марк не се задоволни од ова и водат кампања за зголемување на казните во Велика Британија кои се однесуваат на случаи со злоупотреба на деца и веќе го претставија таканаречениот „Закон за Тони“ во парламентот, пишува „Скај њуз“, а пренесе „Индекс“. Паула Хаџгел за медиумите го опишала моментот кога за прв пат го видела Тони.
„Во 2015 година, социјален работник ме праша дали сакам во болница да посетам четиримесечно бебе чии нозе се скршени. Помислив: ‘Тоа не е проблем, фрактурите се лекуваат’. Кога дојдов во болница и го видов тоа мало бебе, медицинската сестра ми ја покажа негова здравствена историја и ми рече дека ќе му треба доживотна нега“, објаснила Хаџгел.
„Сетрата ми кажа дека за време од пет недели, на детето му биле скршени сите екстремитети, дека му се дислоцирани глуждот и нозете на прстите, дека има повеќе скршеници и дека десет дена не добило лекарска помош“, додала таа.
„Детето добило сепса, неговите внатрешни органи почнале да откажуваат и завршило на апарати. Ако лекарите не се бореа напорно за неговиот живот, тој сигурно немаше да преживее. Го одведовме дома. За една недела започна да се смее“, раскажала Хаџгел.
Таа образложила дека е незадоволна од казната што ја добиле неговите биолошки родители и затоа започнала да ја промовира идејата за зголемување на казната во случај на злоупотреба на деца.
Рече дека заедно со нејзиниот сопруг годинава отишле во парламентот, каде нивниот адвокат доставил 12.000 потписи за кампањата со која се повикува на построги казни.
„Досега се сретнавме со различни адвокати, канцеларијата на окружниот правобранител. Немаме намера да се откажеме“, порачала Хаџгел.



