Словенечката ракометна федерација одлучи да го разреши од функцијата селектор, поранешниот тренер на Вардар Веселин Вујовиќ, и сега е во потрага по негов наследник. Рокадата во селекторската фотелја ќе биде направена пред Европското првенство кое ќе се одржи во јануари. Како грев на Вујовиќ му се препишува една навреда кон играч на ППД Загреб каде е и тренер, за време на тајм-аут, а и „бунтот“ на дел од словенечките репрезентативци кои не се во добри односи со Црногорецот, па се заканиле дека ако остане на клупата тие нема да играат за репрезентацијата.
Како фаворит за наследник на Вујовиќ словенечките медиуми го споменуваат шпанскиот стратег Хуан Карлос Пастор од редовите на унгарскиот ПИК Сегед, каде што настапуваат четворица Словенци – Бомбач, Габер, Шоштариќ и Хенигман. Другата опција е Урош Зорман, а може да дојде и двоец на клупата Пастор-Зорман каде улогата на помошник би ја имал словенечкиот довчерашен репрезентативец кој сега го пече тренерскиот занает.
Словенците го посакуваат и Талант Душебаев, но се чини дека полскиот Кјелце нема да дозволи двојна улога на својот тренер. Во комбинација се и Бранко Тамше и Алфред Гисласон. Одлуката треба да биде донесена час поскоро бидејќи подготвките за ЕП се закажани за 26 декември во Зрече. Словенија ќе одигра пријателски натпревар со Македонија на 3 јануари.



