Флекенштајн: Ако опозицијата не се вклучи тешко дека ќе се направи придвижување за изборите во Србија

Европскиот парламентарец Кнут Флекенштајн, кој учествува во меѓупартискиот дијалог во Србија, смета дека е тешко да се очекува придвижување кон претстојните избори, ако, најзначајниот дел од опозицијата не се вклучи во разговорите и ако владејачкото мнозинство остане нефлексибилно.

-На среден рок, мислам дека постои можност српскиот парламент да се организира, на начин и опозицијата може да придонесе за парламентарната работа. На краток рок, до следните избори, тоа ќе биде многу тешко ако најважниот дел од опозицијата не учествува во разговорите и ако поголем дел од владејачката партија е нефлексибилен. На тој начин, на краток рок, нема да има заедничко решение за следните избори, рече Флекенштајн во интервју за порталот „Меѓународна политика и општество.”

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Флекенштајн одговарајќи на прашањето за меѓупартиски дијалог во Србија со цел да се подобрат условите за фер избори и дали во тоа ќе се успее, додаде:

– Мора да бидеме многу внимателни во однос на она што го зборуваме затоа што не сакаме да и помогнеме на некоја партија да победи. Нашата цел е да придонесеме за нормална работна атмосфера меѓу опозицијата и владејачката партија и да помогнеме во спроведувањето на фер услови за изборите во Србија, заклучи тој.

Тој смета дека новата Европска комисија има позитивен став кон проширувањето.

-Треба да им се даде шанса. Верувам дека Комисијата ќе продолжи да работи темелно на процесот на проширувањето, оцени Флекенштајн.

На прашањето како одлуката на Брисел за неотворање преговарачки поглавја со Северна Македонија и Албанија ќе влијае на евроинтегративниот процес во регионот, германскиот парламентарец кажа дека тоа има катастрофални последици.

-Овој пат не станува збор Европскиот совет да каже дека една или две држави или и двете се уште имаат обврски кои требаа да ги исполнат. Постојат сосема различни причини за јасното одбивање на францускиот претседател да се отворат преговорите. Не само што се засегнати Северна Македонија и Албанија, туку на пример и Србија, рече тој.

Флекенштајн изјави дека тој лично верува дека промените во пристапниот процес се неопходни и дека тие се добра идеја.

-Само што се во погрешно време. Добро е да се каже дека балканските земји треба да учествуваат во некои области во рамките на ЕУ дури и пред членството. Постојат два клучни услови за тоа. Првиот е дека ние не сакаме сами да одлучуваме за новите процеси, туку со владите на балканските земји, а второто е дека полноправното членство мора да биде резултат. Разговаравме за членството на Турција и тоа едноставно не е алтернатива. И ЕП мора да игра поголема улога отколку сега, оцени Флекенштајн.

Треба да знаете
Последни објави