Во продолжението на судскиот процес за убиството на Пинета Секондо за кое е обвинета Ангела Георгиевска сведочеше и неговата мајка Маја Трпковска, како прв сведок на обвинителството.
На барање на обвинителката Лидија Раичевиќ, Трпковска објасни дека не само денеска, туку цела година се чуствува болно и дека и е тешко да влезе во собата на својот син.
-Јас сум мајка на две деца, всушност на едно, ми беше земено, не настрада во сообраќајка ниту од болест туку ми го убија. Беше мирно и како бебе и дете, сакаше да црта…изјави Трпковска.
Обвинителката инсистираше на прашања кои требаа да објаснат каков и кој бил Пино, дали биле имотно задоволени и слично на што реагираше адвокатот на Георгиевска, Еленко Миланов, кој рече дека прашањата се нерелевантни зс случајот, но Судот дозволи да продолжат прашањата.
-Уште во средно Пино многу сакаше да учи англиски јазик го праќавме на колеџ во САД преку распуст, сакаше да црта, сакаше автомобили, особено јапонски хонди, сам ги моделираше, преправаше и практично платата ја трошеше на автомобили. Му велев дека и така ќе се вратиме во Италија, но тој сакаше да остане во Македонија. Му велевме “сите сакаат да си одат, а ти сакаш да останеш”. Сон му беше да работи со коли, рече ќе отворел кафуле, а до него автоработилница. Имаше девојки, тие посериозни ги носеше дома па дури и со нивните родители се дружевме. Кога ќе раскинеше некоја врска остануваше со нив во пријателски односи, рече Трпковска.
Таа на инсистирање на обвинителката објасни дека имаше “девојки” кои што излегуваа со него од економски интерес, кои сакаа да бидат видени со големи автомобили, но му велев да внимава и да користи заштита.
Дали во судницата има таква “девојка” праша обвинителката, Маја потврди дека Ангела е една од тие девојки.
Ја имам фотографии од нив двајца на Водно во мојот автомобил. Купи пиво ќе одиме на пиво беше една од комуникациите кои ги прочитав од нив двајца на социјалните мрежи. Дека имало нешто повеќе од пиење пиво меѓу нив ми кажа внуката која ги има затекнато двајцата во креветот на Пино, а таа доаѓала кај нас дома кога ние бевме во Италија, рече Маја.
Бидејќи сопругот е тешко болен и често се онесвестувал сите четворица постојано телефонски комуницирале за да ако не се јави Пино да оди да види што се случува.
-Критичната вечер по работата му рекол дека ќе оди да се види со некоја девојка и му го дал својот клуч со констатација да не заклучува оти ќе си дојде. Тоа било во 21.47 минути на 10.12 а јас со малиот син бевме на пат кон Скопје со траектот кон Игуменица. Реков ќе се чуеме кога ќе стигнеме на копно. Кога стигнавме дома околу 10, сопругот комуницираше со малиот син. Му реков на малиот да купиме бурек, а малиот рече “не мамо да побрзаме дома. Купив бурек и кога дојдов дома сопругот беше таму што ме изненади оти требаа да бидат на работа. Тој беше многу возбуден и рече дека Пино не си дошол дома…
Кога се разбудил во 6.30 часот погледнал дека креветот е празен и го барал на мобилните, тие ѕвонеле до 7.03 минути е последниот повик. Од тогаш се исклучиле двата мобилни, што не беше логички двата да се испразнат во ист момент па ни стана сомнително. Прва работа помисливме дека имал сообраќајка па се јавувавме по болници, но рекоа дека нема таков човек. Потоа се јавувавме кај другарите да видиме со која девојка требало да се види. Тогаш и Мартин и Дејан, познаници на Пино меѓу себе почнале да се распрашуваат, видов на Месинџер. Едниот одговара на месинџер дека отишол да се види со ќоравата, а овој прашуваа која е таа а тој одговара Ангела од Ѓорче. Во меѓувреме Мартин и пишува на Ангела а таа му вели дека се виделе, дошол кај неа. Потоа јас и вртев, но не ми одговараше па околу 17 часот отидов во ПС Петровец да пријавам дека Пино не е дојден дома. Тогаш ми се јави Ангела, ја пуштив на микрофон да слушнат сите. Јс прашав”Со тебе беше? да стоевме 15 минути па си замина” ми одговори. Го знаев Пино дека не би возел 40 минути само за да стои десет минути пред зграда. Тогаш за прв пат се посомневав во неа. Пино беше папучар, сакаше да си седи дома. Неговата последна сериозна девојка беше од Петривец па само на Скајп комуницираа, иако таа живееше на еден километар. Тој не би одел толку далеку само да испуши цигара пред зграда, рече Маја и ја праша Ангела “зошто ме гледаш така крвнички”, а таа праша “не смеам ли да те гледам?”
Маја објасни дека од полицијата не сакаледа ја примат пријавата оти не биле поминати 24 часа, но по нејзина молба ја примиле.
-Дури и ми пишуваа што да ја прашам, уште го чувам листот. Тогаш почна мојата голгота. Ми се јави Мики од Исчзнати кој дрско ми се обрати и рече која си ти да пријавиш, човекот има 26 години може да оди кај сака, рече Трпковска.
Таа потоа сведочеше како и кога дознала дека синот и е мртов.
-На 29 април 2019 бев во Италија и прочитав на порталите дека е пронајдено тело. Му се јавив на еден родител на исчезнато дете кој потврди дека му зеле ДНК за анализа. По 15 минути ми се јавија од МВР да дојдам и јас. На 9 мај ми земаа ДНК, на 23 мај ми се јавија од МВР. Ми рекиа да дојдам но реков не сум во состојба не можам, ако е нешто важно ќе дојдам утре. Они рекоа ние ќе дојдеме, прашав за Пино ли е, рекоа не знам. По пола час дојдоа многу коли и кога ја видов колата на италијанската амбасада знаев што е, рече низ солзи Маја.
Ми рекоа дека коските пронајдени кај Башинец се на Пино. Ми рекоа продолжи на социјалните мрежи да ја навредуваш полицијата оти биле на чекор да ги фатат убијците, рече Маја.
Дали тогаш знаевте што му се случило, праша обвинителката, а реагираше адвокатот на таквото прашање, но судот го дозволи по жестока комуникација меѓу Раичевиќ и Миланов.
-Во тој момент полицајците од почит не ми рекоа ништо, но ми кажаа да дојдам по два дена со компјутерот на Пино кај нив во Крвни деликти. По неколку часа разговор ми рекоа дека му пукале во глава, кажа сведокот.
Тогаш обвинителката праша дали чула од некого кој му пукал во главата, па пак реагираше адвокатот со констстација дека е наведувачко прашањето. Судот побара да се преформулира прашањето, но Раичевиќ одби тоа да го направи па истото не беше дозволено.
Судењето продолжува по паузата.