Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Крагуевац изјави дека притисоците врз Србија и обвинувањата кои доаѓаат од различни страни говорат за исправноста и силата на српската политика за самостојност и независност.
На прашањето како го коментира извештајот на Пентагон и предупредувањето поради соработката со Русија, а во исто време и критиките за влошување на односите со Русија и дали Србија ќе може да ги издржи притисоците и што ќе превземе по ова прашање, Вучиќ оцени дека одлуките за Србија ќе продолжат да ги носат српските граѓани, без оглед на разните притисоци.
– Овие притисоци и обвинувања од целиот свет – од Америка дека сме блиски до Русите, а некои во земјата велат како сме против Русите… Мислам дека тоа кажува доволно за исправноста и силата на српската политика, наведе Вучиќ.
Тој додаде дека „силата е во самостојноста и независноста на Србија, и во тоа сами да носиме одлуки”.
– Никој нема да носи одлуки во мое име ниту во Вашингтон, ниту во Брисел, ниту во Москва или на кое било друго место, посочи Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе продолжи да соработува со светот, при тоа најавувајќи дека наскоро со „американските пријатели” ќе бидат потпишани важни договори за изградба на коридорот кај Крагуевац, како и дека ќе патува во Русија, во Сочи, за да се сретне со претседателот Владимир Путин.
– Сите овие текстови и сите притисоци што доаѓаат, резолуции и декларации, кажуваат сè што јас го кажувам секој ден, а тоа зборува за различната позиција на Србија, важноста на Србија, нејзината посилна позиција, но и за нејзината независност и самостојната политика, истакна Вучиќ.
За (не)печатењето на насловната страна на магазинот НИН на која требаше да се најде претседателот на Србија, како стои пред снајпер вперен во него, Вучиќ изјави дека „секогаш ќе се бори и ќе ги брани, за да можат да објават што сакаат, само тоа да биде против него”.
– Вие само вперете ги тие снајпери во мене, јас немам проблем со тоа. Ќе се борам за вашето право да објавувате и пишувате што сакате. Додека тоа го правите, јас ќе се обидам да го насочам врвот на пенкалото кон некој дел на Србија во кој ќе градиме нови училишта, фабрики и патишта, рече српскиот претседател.