Заев: Поддржуваме една изборна единица, има време за промена на изборниот модел, тоа би бил огромен демократски исчекор

Тврдам  дека има време за промена на изборниот модел, одговори Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев, на пратеничко прашање во врска со измената на изборниот модел, и информираше дека во Министерството за правда постои Работна група која ги разгледува препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но од таму не се очекува решение за изборниот модел, туку се очекува политичка волја од политичките партии.

„Според мене решението на изборниот модел дали ќе остане ист, дали ќе се менува е работа на Парламентот. И убаво е да се постигне консензус по вакви прашања. Но, за мене е неприфатливо да не се дојде на состанок на помалите политички партии или парламентарни групи на повик да се разговара за едно вакво важно прашање“, рече премиерот Заев додавајќи дека тој присуствувал на овој состанок и јасно ги кажал своите ставови дека СДСМ и коалицијата со која настапи на изборите застанаа зад една изборна програма, во која што стои ветувањето една изборна единица.

Апелирајќи кон ваквите иницијативи и модели да се приклучат и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, премиерот Заев оцени дека нивно право е како ќе одлучат.

„Парламентот треба да го процесуира предлогот. Претседателот Талат Џафери не е тука и не сакам да зборувам во однос на тоа дали има време, јас тврдам  дека има време за промена на изборниот модел“, посочи премиерот Заев, истакнувајќи дека најважно е што со ова решение ќе добие демократијата бидејќи се отстранува можноста за евентуално идно поставување на автократи во државата.

Премиерот Заев додаде дека ова решение штеди и парични средства, буџетски и партиски, кои се даваат во кампањата и кои се поголеми кога се работи за повеќе изборни единици.

„На крајот, ние сме мултиетничка земја, и ова решение дава можност за посериозна застапеност на помалубројните заедници“, им порача Премиерот Заев на пратениците повикувајќи ги да се изјаснат по ова прашање кога ќе биде отворена дебатата во Парламентот.

Тој ја истакна и важноста на прашањето за концептот 50:50, односно еднаква застапеност на жените и мажите на листите за избор на пратеници и пратенички, за кое исто така апелираше пратениците да го прифатат како вредност.

 

Треба да знаете
Последни објави