Холандските обвинители соопштија дека татко, кој е обвинет дека девет години држел шест свои деца против нивна волја на изолирана фарма, исто така е осомничен дека сексуално злоставувал две други негови деца.
Обвинителите објавија нови детали за мистериозниот случај и наведоа дека двајца осомничени, 67-годишниот татко и 58-годишен маж, ќе останат во затвор уште 90 дена додека трае истрагата, пренесе агенцијата АП.
Полицијата во текот на октомври изврши рација во фарма во селото Руинерволд, на истокот на Холандија и пронајде шест лица, 67-годишен маж и петмина млади, а ДНК-тестовитe покажаа дека тој е нивниот татко.
Рацијата се случи откако 25-годишно момче од тоа семејство ги предупредило властите за случувањата во фармата.