Во присуство на верници од исламската вероисповест, на муфтиството на ИВЗ, како и на заменик-министерот за култура и туризам на Република Турција Мисбах Демирџан денеска беше свечено предадена во употреба реконстуираната Алипашина џамија во Старата чаршија во Охрид.
Турскиот заменик-министер во оваа прилика даваше изјава за бројните турски медиуми присутни на настанот, при што истакна дека се работи за една од активностите што ги спроведува Владата на Турција за зачувување на бројните објекти и културни споменици во регионот од времето на Отоманската империја.
Проектот, како што истакна, е реализиран благодарение на одличната соработка на Република Турција и Република Македонија, изразувајќи уверување дека таа културна соработка само ќе придонесе и на унапредувањето на меѓусебните односи во сите области од живеењето, зајакнување на стопанската соработка во интерес на бизнис-заедниците на двете држави.
-После пропаѓањето на Отоманската империја се формираа повеќе нови држави меѓу кои и Република Турција која одржува одлични односи со земјите од регионот. Благодарение на претседателот на Турција, на амбасадорката во Скопје, на владината Агенција за соработка ТИКА, реализираме бројни проекти од образование, здравство, зајакнување на инфраструктурни и институционални капацитети, рече Демирџан.
Инаку, објектот беше реконструиран со финансиска поддршка на Генералната дирекција на вакафи на Турција, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Проектот беше одобрен во 2016 година, а обновата почна на 22 март 2017 година.
Граѓани на Охрид реагираа на реконструкцијата бидејќи таа предвидуваше и повторна изградба на 32-метарско минаре, забележувајќи дека тоа ќе доминира во чашијата и целосно ќе ја смени визурата на тој дел од градот. Покрај минарето, беа оспорувани и градежни активности во напосредната околина на објектот за која од Здружението на граѓани „Совест” од Охрид велеа дека чува историски слоеви на артефакти и археолошки остатоци од време далеку пред да биде изградена џамијата.
Покрај минарето за кое тие тврдеа дека никогаш не било високо 32 метри, се спротивставуваа на уривањето на сите историски обележја и остатоци при реконструкцијата на дворот на џамијата. После неколкуте одржани протести, како и покренатите пријави против државните институции за спроведување на реконструкција со некомплетна документација, односно непоседиување дозвола за градба, како компромисно решение беше изградено минаре на џамијата со висина од 24 метри.