Жителите на Драч веќе трет ден живеат во страв и неизвесност додека земјата постојано се тресе по катастрофата која го погоди градот во вторникот утрото кога земјотресот со јачина од 6,4 степени по Рихтер ги погоди крајбрежните градови на Албанија.
Билансот е стравичен, досега се извлечени 40 загинати, а над 650 се повредени, но се стравува дека има многу повеќе загинати. Над 2.000 луѓе во Драч ја минаа нивната втора ноќ во шатори откако им беа уништени домовите.
Екипа на 24 Инфо вчера беше во Драч. Првата слика за градот е застрашувачката темница и темните силуети на зградите како се влегува во градот, наспроти осветлените улици. Ролетните на прозорците се спуштени и никаде во становите нема светла. Зградите се празни, а граѓаните се на отворено. Стрија има, има и интернет па комуникацијата е лесна.
Најголем дел од луѓето кои останале без покрив над главите се соираат кај градскиот стадион каде се поставени шатори. Иако по првичниот шок населението било сместено во шаторите наредниот ден и вчера вечерта дел од граѓаните се сместуваат по хотели. На оние кои им е потребна помош истата е обезбедена во Општината.
Другите помагаат на спасувачките тимови кои ги има од секаде. Освен нашите тимови забележавме и спасувачки екипи од Косово, Турција и Италија, има многу полиција и војници. Сите се во трка со времето да успеат што побрзо да извлечат преживеани од под урнатините бидејќи секој изминат ден значи изгубени животи. Сите користат куси паузи и од нога ги јадат оброците за да соберат сила за напорнта претрага.
Дел од градот кој најмногу настрадал е населба на улица покрај морето. Таму ретнавме неколку наши спасувачи, но и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Тој е стигнат во Драч заедно со помошта од општината за градот, а помош доаѓа од секаде.
Многу македонски фирми испраќаат финансиска помош, но не е мал ниту бројот на обични граѓани кои дошле да помогнат, кој колку може.
Слободан Ѓуриќ