Договорот од Маракеш мора да го ратификуваме. Сите законски регулативи кои се поврзани со овој договор мора да ги хармонизираме заради негов влез во системот. Сите субјекти, функционери, институции, администрација мора да направиме се за да му овозможиме на секое лице кое не може да чита стандардно писмо да не биде обесправено. Ова денеска го порача националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски на панелот во врска со потребата од измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права, во насока на усогласување на националната законска регулатива со Договорот од Маракеш – во делот на олеснување на пристапот до објавени дела за лицата со оштетен вид, што се одржа во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски”.
– Во основата на Договорот од Маракеш стои дека секоја земја што го усвојува треба да направи ограничувања или исклучоци од Законот за авторски права. Овие ограничувања и исклучоци значат дека голем број на интелектуални дела се дозволени за крајните корисници – слепите лица, без да се повредува авторското право, појасни Додевски.
Тој најави дека Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост започнало со иницијатива за анализа на условите и можностите за ратификување на договорот во нашата земја.
– Во текот на септември се сретнавме со министерот за култура со кој разговаравме за обврските од Договорот. На состанокот беше истакната потребата Министерството да го направи иницијалниот контакт со Светската организација на интелектуална сопственост под чија закрила е токму Догворот од Маракеш. Понатаму да направи анализа за сите потребни предуслови во однос на ратификацијата и имплементацијата на Договорот и да подготви информација до Владата за оправданоста на прифаќањето на обврските од Маракеш. Министерството за култура направи анализа на состојбите за потребата од изменување на законот за авторски права во делот на обврските од Договорот. Одредбите што ќе ги изготви Министерството треба да се испратат на мислење до Светската организација на интелектуална сопственост, појаснува Додевски.
Тој информира дека во завршна фаза е подготовката на тендерот за набавка на софтвер синтетизатор на говор и читач на екран со помош на кој слепите лица непречено ќе го користат компјутерот како извор на читање или пребарување на информации.
Државниот секретар во Министерството за култура Валмир Азири посочи дека со прифаќањето на измените на Законот за авторско право и сродни права ќе се создадат услови за постојан и континуиран пристап на слепите и слабовидните лица до белетристика, периодика, научна стручна и друга литература и истата да се користи во образовни и информативни стручни цели, секогаш кога за тоа ќе им се укаже потреба.
– Измените и нивно усогласување со Договорот од Mаракеш ќе овозможат на слепите и слабовидните лица непречено стекнување нови знаења и освојувања на нови врвови, рече Азири.
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски”, Фримзим Даути порача дека со ратификацијата на Договорот од Маракеш, можноста за читање на книгите од страна на лицата со потешкотии во видот ќе се зголеми во голема мера.
– Свесни сме дека со денешните услови успешната имплементација на многубројните обврски кои произлегуваат од Договорот од Маракеш ќе биде тешко да се постигне, меѓутоа истовремено сме сигурни дека со текот на времето, слепите лица и лицата со потешкотии во видот ќе имаат поголем пристап до новите издадени книги и ова претставува доволна причина да се обидеме заедно Договорот да се ратификува, а потоа истиот да се имплементира, рече Даути.
На 27 јуни 2013 година на дипломатската конференција во Маракеш од земјите членки на Светската организација за интелектална сопственоста (ВИПО) беше усвоен Договорот од Маракеш за олеснување на пристапот до објавени дела на лицата кои се слепи, имаат оштетен вид или на друг начин се оневозможени да користат печатени материјали. Обврските од овој Договор ги спроведува секоја земја потписничка, па така и Северна Македонија.