За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почнува шестнеделниот божиен пост.
Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.
Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.
Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста” за употреба на храна, божикниот пост е „поблаг”, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.
Во Православната црква практика е во текот на божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божик. Целта на постот е да се „исчистат” духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.
Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости.
Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември.
Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.
Лицата кои доследно ги почитуваат правилата постат и секоја среда и петок, бидејќи тоа се деновите кога Христос е осуден и кога умрел на крстот.
Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите лица од 4 и 5 век.
Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Собор во 1166 година.
Траењето на божикниот пост се објаснува и со четириесетдневното патување на тројцата мудреци до Витлеемската пештера, во која на 25 декември е роден Богомладенецот Исус. Затоа се вели дека постот е ѕвезда водилка за сите кои христијанството го одбрале за своја вера, како што за мудреците кои верувале во пророштвото за раѓањето на Спасителот единствена водилка била најсветлата ѕвезда на небото, која се движела од западот кон истокот и која ги довела во Витлеем.