Винаријата Сковин, која беше во сопственост на шпедитерското друштво Фершпед, каде доминантен удел има семејството Накови, го продаде имотот, залихите и брендовите за околу 3,5 милиони, објави Македонска берза. Според одлуката недвижниот имот (деловни и помошни простории и градежно земјиште), подвижниот имот (инвертар, возила и механизација) и залихите (шишиња и етикети согласно спецификација од 16 август годинава) се продадени за околу 3 и пол милиони евра на скопската фирма „Винарија Сковин Група“. Што се однесува до трговските марки, односно до 20-те брендови на вино и жесток алкохол кои сега ги произведува „Сковин“ („Сан сити“, „Класик“, Фајнест селекшн“, „Барик“, „Премиум“, „Бег ин бокс“, „Бејзик лајн“, „Магнум лајн“, „Марков манастир“,„Жолта“), стои во известувањето, ќе му бидат пренесени на SIAK PTE LTD од Сингапур, за околу 5.000 евра. Инаку, продавачот Сковин и неговиот најголем акционер Фершпед му даваат право на купувачот да заснова заложно право врз продадениот имот за издавање банкарска гаранција во корист на Сковин која ќе биде на износ од скоро 2 милиони евра како обезбедување на плаќањата од купувачот.