Властите во Бенин му дадоа рок до 1 декември на амбасадорот на ЕУ, Оливер Нете да ја напушти оваа земја поради политичко мешање во внатрешните работи.
Неименуван дипломатски извор од Бенин изјави дека амбасадорот Нете, постојано ги повикувал граѓаните на Бенин на протести.
Според официјалното соопштение од Владата на Бенин, дипломатот се мешал во активности, „што можат да ги сметаат за субверзивни”.
Информацијата за протерувањето на амбасадорот ја потврдија прес-службите на европските институции во Брисел. ЕУ смета дека одлуката не е оправдана и очекува дополнителни разјаснувања од страна на властите.
Новото парламентарно мнозинство во Бенин, избрано во април годинава, беше мета на критики од страна на странски дипломати поради контроверзното изборно законодавство кое преку стриктни услови ги спречи претставниците на опозициските партии да се кандидираат.
Европската Унија е еден од најголемите донатори за Бенин со повеќе стотини милиони евра за помош на подобрувањето на демократското владеење, но и земјоделството и инфраструктурни проекти.