Со финансиска поддршка од Европската унија и хрватски искуства ќе се зајакнува примената на меѓународните воздухопловни стандарди во државава предвидени со регулативната од Европската заедничка воздухопловна област. Ќе се усогласува домашното законодавство и ќе се подобруваат институционалниот капацитет и техничките компетенции на Агенцијата за цивилно воздухопловство во согласност со европската регулатива.
За таа намена од фондовите на ЕУ се одвоени 250.000 евра на Хрватската агенција за цивилно воздухопловство за спроведување на твининг проект во државава, што денеска беше промовиран на конференција во Скопје.
Директорот на АЦВ, Томислав Тунтев изјави дека проектот ќе ги подигне капацитетите на македонските цивилни воздухопловни власти од аспект на оперативната подготвеност на Агенцијата како регулаторно тело, на капацитетите на луѓето кои ги работат на надзорните активности и од аспект на приближување на нашето законодавство кон регулативата на ЕУ.
– Со последните измени и дополнувања на законот за воздухопловство е создадена основа за спроведување на проектот. Сега, конкретно низ подготовка на оперативни процедури, упатства и формулари за работа и постапки при надзорни активности во областа на пловидбеноста, летачките операции, легислативата и лиценцирање на персоналот. Значи, подигнување на оперативниот капацитет на кадарот од АЦВ и преоѓање на новата регулатива којашто веќе ја користат сите држави во опкружувањето во овие активности, изјави Тунтев.
Тој најави дека ќе продолжат да аплицираат за финансии од претпристапните фондови на ЕУ за натамошно подобрување на состојбите.
Во меѓународниот воздушен сообраќај, како што порача Тунтев, летањето на авионите не препознава, ниту локални, ниту регионални, ниту закони на сите поединечни држави каде авионот го користи воздушниот простор. Затоа е неопходно унификација на сите правила и прописи кои се однесуваат пред се на безбедноста на патниците, екипажите, на воздушната пловидба и конечно на одржливоста на транспортниот систем и заштитата на животната средина.
Министерството за транспорт и врски, информира ресорниот министер Горан Сугарески, во соработка со АЦВ, М-НАВ и останатите надлежни институции работи на нов закон за воздухопловство.
– На тој начин сметаме дека сериозно ќе ги подобриме и унапредуме капацитетите на АЦВ. И оваа година имаме рекорди во реализацијата, на Охридскиот аеродром за 64 проценти, а на Скопскиот аеродром за 10 проценти и до октомври веќе има над два милиони патници. Очекуваме уште поголеми рекорди од ланската година. Истото се случува и на Охридсиот аеродром, изјави Сугарески.
Никола Бертолини, претставник на Европската делегација во земјава, потенцираше дека е добро што нашата држава ќе го подобри усогласувањето во однос на Заедничката европска воздухопловна област.
– Поминаа 12 години откако Делегацијата на ЕУ почна да го поддржува регионот во усогласување кон заедниќката европска воздухопловна област. Северна Македонија доцни и ние сме среќни што конечно и во оваа област нешто почна да се раздвижува. Земјите од Западен Балкан многу побргу напредуваат во однос на усогласувањето на законодавството поврзамо со Европската заедничка воздухопловна област поради тоа што немаше доволно капацитет и волја, сега тоа се менува и ние сме задоволни, изјави Бертолини.
Томислав Михотиќ, државен секретар од хрватското Министерство за море, транспрт и инфраструктура истакна дека преку твининг инструментот Хрватска има можност директно да го споделува знаењето и искуството стекнато преку спроведување и усогласување на acquis на ЕУ, земјаќи го превдид неодамнешното искуство од пристапните преговори со Унијата, како и целокупната процедура на пристапување.