Од вторникот попладне до рано утрово, двете специјални единици на грчката противпожарна служба, во спасувачката акција, од урнатините по земјотресот во Албанија извлекле седум безживотни тела, а спасиле две лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштуваат од Противпожарната служба на Грција, од вчера претпладне, двете специјални единици за справување со катастрофи, односно вкупно 42 лица се заедно во албанскиот град Туман и продолжуваат со потрагата под урнатините.
На првиот ден, како што вчера објави МИА, грчките спасувачи во Туман извлекоа жива 45-годишна жена, а во Драч спасија 24 годишен маж. Паралелно, го извлекоа безживотното тело на едно лице.
Во текот на вчерашниот ден и рано утрово, спасувачките сили од Грција кои им помагаат на албанските власти, пронајдоа уште шест мртви лица под урнатините по катастрофалниот земјотрес.