Најмалку 14 демонстранти загинаа, а над 70 се повредени денеска во Насирија, во јужниот дел на Ирак, кога безбедносните сили отворија оган за да ги ратераат насобраните, јави Би Би Си.
Безбедносните сили пукале со огнено оружје кон демонстрантите кои имаа собир на мостот во Насирија, рано изутринава.
Ирачката војска соопшти дека формира воени „кризни единиците”, кои имаат задача да воспостават „безбедност и да го одржуваат редот”.
„По наредбата на врховниот командант на вооружените сили, премиерот Адел Абдел Махди, одредени воени команданти се назначени во овие единици за да ги насочуваат и контролираат сите безбедносни и воени сили и да им помагаат на гувернерите во нивната мисија”, се вели во соопштението од Војската.
Во меѓувреме, во градот Наџаф е воведен полициски час откако демонстрантите го запалија конзулатот на Иран.
Багдад и поголемиот дел од јужен Ирак, каде живее претежно шиитско население, од 1 октомври се зафатени од масовни протести. Демонстрантите ја обвинуваат Владата за корупција, незадоволни од лошите услуги на јавните служби и големата стапка на невработеност.