На потегот околу Основното училиште „Војдан Чернодрински”, во урбаната заедница Владо Тасевски се поставува нова вертикална сигнализација, сообраќајни знаци, со цел да се зголеми безбедноста на учениците и учесниците во сообраќајот.
Со воведување на ЗОНА 30, се ограничува брзината на движење со моторни возила. Наскоро, пред ООУ „Војдан Чернодрински” ќе биде поставен т.н „лежечки полицаец”. Локалната самоуправа работи и на комплетирање на новото сообраќајно решение на овој потег, со тоа што одреден дел од улиците ќе бидат еднонасочни. Примарна цел е зголемување на безбедноста и намалување на сообраќајниот метеж.
Нови сообраќајни режими, како што информираат од општина Карпош, веќе функционираат во Карпош 4 и долж улицата „Прашка”, во Тафталиџе 1. Општина Карпош, во изминатиот период засилено работи на зголемување на сообраќајната безбедност во населбите.
Беа поставени и нови „лежечки полицајци” пред училиштата „Јан Амос Коменски”, „Братство” и „Димо Хаџи Димов”, а најмладите ги мапираа и критичните точки на патот од нивното училиште до домот. Општинските служби се обврзаа да работат на хуманизација на јавниот простор и негово прилагодување на потребите на сите учесници во сообраќајот.