Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска рече дека досега до нив не стигнало барање да го посетат притворениот Бојан Јовановски, кој вчера од притвор беше пренесен во Градската општа болница „8 Септември”.
– Доколку е потребна нашата интервенција, нашата посета, Бојан Јовановски може слободно да поднесе барање и ние ќе појдеме да го посетиме, ќе ја утврдиме фактичката состојба и ќе го дадеме своето мислење за случајот. Врз основа на само сознание и информации добиени од медиумите, ние не можеме да дадеме никаков став, ниту да излеземе со некакво си барање, рече Пировска.
Вели дека Хелсиншкиот комитет не може како народниот правобранител да влезе во секое време во установите од затворен вид и оти кај нив прво мора да стигне барање од притвореникот односно барање од истражниот судија, кој треба да даде дозвола за да можат да влезат да го посетат притвореникот.
– До денес такво известување до кај не стигнало. Иако јас во последниве години за време на поранешната власт ги посетував речиси сите политички затвореници, до ден денес добивам барање од притвореници и тоа се оди најнормално, и навистина сум изненадена што такво барање не стигна до Хелсиншкиот комитет и за Бојан Јовановски.
Бојан Јовановски, заедно со Зоран Милевски и Катица Јанева, е обвинет во случајот „Рекет”.