Со недобивањето датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија кон ЕУ, Западниот Балкан влегува во нова неизвесност, истакна поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, кој имаше свое обраќање во италијанскиот Сенат на сесијата посветена на иднината на Европа, со која претседаваше поранешниот министер за надворешни работи на Италија и поранешен еврокомесар, Франко Фратини. Иванов се осврна на актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување, како и на последните случувања во регинот во контекст на неговата европска перспектива. “Процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан долго време се сметаше за најдобра, но и најуспешна европска политика“, рече Иванов додавајќи дека наместо ветената политичка стабилност и економскиот просперитет, повеќе земји од Балканот, поради спротивставените интереси на големите сили, може повторно да генерираат трајна нестабилност.
Иванов нагласи дека актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување укажуваат дека мноштво конфликти тлеат под површина и дека иднината на Европа станува се повеќе непредвидлива.
„Брегзит, радикализмот, екстремизмот, тероризмот, ксенофобијата, исламофобијата… се само симптоми, а не причини за актуелните состојби во Европа. Бизмарк очигледно свесен за тогашните состојби и ривалства во Европа на 19 век ќе искаже едно пророштво кое и ќе се оствари. Според него големата војна ќе почне поради “некоја глупава работа на Балканот”. Такви глупави работи сега не се само на Балканот туку и на многу други места во Европа“, рече поранешниот македонски претседател.
Осврнувајќи се на безбедносните ризици во контекст на поширокиот регион односно европското соседство, Иванов порача дека многу позагрижувачки од односот на ЕУ кон Западен Балкан е односот на ЕУ кон Блискиот Исток и арапскиот свет и тој треба да се промени.
“Мисијата на ЕУ за 21 век е да промовира напредок и стабилност, балансиран стопански и социјален развој, сочувување на различноста на народите во Европа. Чување и негување на нејзините вредности, како што се почитување на човековите права, социјална пазарна економија, одржив развој, здрава животна средина. Дали ќе успее во тоа или ќе стане жртва на алчни интереси меѓу моќните членки на европското јадро, зависи од храброста на нејзините лидери да ја позиционираат Европа како геополитички актер во 21 век.
Иванов присуствуваше и на аудиенција кај неговата светост Папата Франциск, како и на прием кај претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, кои беа организирани за учесниците на овој состанок. Тој му изрази благодарност на Папата Франциск за неодамнешната посета на Македонија, како и за неговото писмо упатено до поранешниот претседател Иванов, во кое папата Франциск го изразува своето задоволство што посетата беше реализирана на најдобар можен начин.