Македонскиот, регионалниот и европскиот машки ракометен првак Вардар во пресрет на неделниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите со Веспрем му ја прпушта фаворитската улога на гостинот од Унгарија. Вардар се соочува со повредени играчи. Неможе да настапи во комплетен состав, а доживеа и три убедливи порази од Кил, Кјелце, Брест Мешков. На мечот од 10. коло во групата со Веспрем, кој се игра в недела (17 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ европскиот првак Вардар не е во ситуација да се закнува и ќе се обиде поддржан од гледалиштето да извлече позитивен резултат.
– Знаете каква е ситуацијата во Вардар. Ростерот со играчите е тој. Веспрем е апсолутен фаворит, да не се лажеме. Нам ни останува да се бориме и да не ја разочараме публиката. Играме со тоа што располагаме. Не можеме да подготвиме нормална одбрана за овој меч. Многу од играчите се повредени. И голманите реално не се на ниво, но и целата одбрана воопшто. Не е вината само кај голманите. Ние сме тим. Тоа е ростерот и со тој ростер треба да играме до крај, потенцира Стојанче Стоилов капитенот на „црвено-црните“ кој го пропушти почетокот на сезоната токму поради рехабилитација од повреда.
За малиот број на играчи кои ги има на располагање се пожали и тренерот Едуард Кокшаров.
– Имаме многу проблеми и нема смисла стално да зборуваме за тоа. Ги немаме Дисингер и Кристопанс, двата главни играчи за одбраната 6-0. Се надевам дека тие што ќе добијат можност да бидат на теренот, со поддршка од нашите навивачи ќе успеат да дојдат до позитивен резултат, рече тренерот Кокшаров.
Натпреварот Вардар – Веспрем, од 10. коло од ЛШ, се игра в недела во СЦ „Јане Сандански” со почеток во 17 часот.