Инвестиции до 17 милијарди евра во следните 20 години, предвидува најновата Стратегија за енергетика

Инвестиции до 17 милијарди евра во следните 20 години во енергетскиот сектор предвидува најновата Стратегија за период до 2040 година, што ја изработи Центарот за енергетика и одржлив развој при МАНУ.

Во Стратегијата се имплементирани актуелните трендови во светот, но тие се прилагодени на енергетските можности и ресурси што ги има државата. Притоа, задоволена е потребата од енергенси на граѓаните и цената да не биде значително покачена.

Стратегијата предвидува три сценарија – референтно, сценарио на енергетска транзиција и зелено сценарио. Од нив, најлесно изводливо, според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, е референтното сценарио, но треба да се разгледаат и останатите две сценарија.

– Во следните 20 години предвидени се инвестиции до 17 милијарди евра. Овие средства не може да ги обезбеди само државата и затоа сите треба да бидеме свесни дека енергетиката треба да премине во рамките на приватните инвестиции и јавно-приватните партнерства, да биде генератор на странски и домашни инвеститори, бидејќи ако државата ги решава проблемите само со позајмување, тоа не е решение на краток рок, туку проблеми на долг рок. Затоа треба нашата економија да биде отворена за инвестиции во енергетиката, рече Анѓушев на денешната презентација на Стратегијата во МАНУ.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, во изминатите две и пол години направени се значајни исчекори во енергетскиот сектор поради што државата, како што рече, е посочена како лидер во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор.

Од Секретаријатот на Енергетската заедница се надеваат дека Владата ќе тргне во реализација на зеленото сценарио. Ваква порака преку видео обраќање испрати директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач.

Стратегијата за енергетика требало да биде донесена уште во 2015 година.

Треба да знаете
Последни објави