Османи: Лојане – Миратовац станува симбол за напредок во регионалната соработка

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Kоординатор на проектот- Граничен премин –Лојане – Миратовац, денеска се сретна со делегација од Република Србија предводена од Државниот секретар при Министерството за внатрешни работи на Србија и Претседател на Комисијата за гранични премини на Србија, Милосав Миличковиќ.

Централна тема на денешната средба e утврдување на динамиката и активностите за создавање на новиот граничен премин меѓу Република Северна Македонија и Република Србија кај месностите Лојане и Миратовац соодветно.

„Реализацијата на проектот- Граничен премин -Миратовац-Лојане, не само што ќе придонесе за олеснување на транспортот, размената и севкупната комуникација, туку претставува и значајна политичка активност, во насока на реализација на политичките заложби нотирани и во Иницијативата за регионална соработка, со цел реализација на заложбите од т.н. Конективити агенда на Берлинскиот процес, а во насока на унапредување на добрососедските односи како автентична европска вредност на двете земји“- истакна Османи.

Во овој контекст тој посочи дека е во финална фаза обезбедувањето на првите 2,5 милиони евра донација од страна на Норвешката Влада во рамки на нордискиот проект УНОПС за реализацијата на овој проект.

За време на разговорот соговорниците заеднички се заложија за унапредување на оваа иницијатива на уште повисоко ниво, па наместо локален премин, како што беше порано предвидено, проектот Лојане – Миратовац да се имплементира како целосно меѓународен граничен премин, со што ќе претставува бенефит не само за граѓаните на пограничните општини, туку и за сите граѓани на двете земји преку забрзување и олеснување на меѓусебна комуникација.

Треба да знаете
Последни објави