Преку идентификување на атракциите од аспект на културното наследство и природното богатство Струмица може да биде атрактивна туристичка дестинација, смета Драги Поп Стојанов, проектен координатор на проектот „Природното богатство и културното наследство-акцелератори за одржлив развој и туризам”.
За сите љубители на природата, како што вели, има локалитетите кои не смеат да не се посетат, но е потребна промоција.
-Моноспитовското блато има изобилство од птици, а во Англија има 3-4 видови птици кои мигрираат. Тамошното Кралско друштво на љубители на птици од Англија има милион членови, а членарината им е минимум 100 фунти. Остваруваат 100 милиони фунти приход годишно само од членарина и можат да дојдат да видат, дури и да помогнат околу заштита на одредени видови птици, вели Поп Стојанов.
Потенцира дека покрај природните ресурси, Струмичко има и културно-историски споменици како што се Римските терми во Банско, манастирите во Водоча и Вељуса, „Цареви кули” и многу други.
-Нашата вештина е како да ги задржиме посетителите ден повеќе и како од нивното доаѓање да заработиме. Знаеме дека промоцијата на природното наследство ако е еднократно, како што е примерот со Смоларскиот водопад, каде се направи еден проект за промоција, луѓето разбраа и дојдоа, донесоа храна со себе и пред да заминат таму го оставија отпадот, односно за локалното население нема ништо освен ѓубре. Ако не се направи стратегија и обука на локалното население како да извадат бенефит од тоа имаме обратен ефект-имаме проблем немаме бенефит, рече на крајот Драги Поп Стојанов.
Проектот се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од ЕУ, а спроведувана од програмата за развој на Обединетите нации.